Водич за избори 2017: Како да си партиски војник на најниско ниво

Во основно ниво на партиски активизам се впуштаат оние кои бараат работа, небитно дали се од партија на власт или партија која претендира да биде на власт или од ДОМ. Тие се спремни да го мобилизираат најблиското семејство, роднини и пријатели да гласаат за одредената партија. Член си на партијата, редовно одиш на партиските собири во месната заедница, ако треба да и се даде поддршка на партијата одиш и во Скопје. Ако не треба сепак одиш за да покажеш самоиницијатива. Ако си член на партија, а сеуште не си снајдени во партиските ешалони еве што минимум треба да направиш за да можеш да побараш вработување.

Интернет активности

1. Општо е позната твојата љубов кон партијата и лидерот на истата. Сепак откако Фејсбук стана синоним за живот таму за почеток мора да ги лајкнеш профилите на пратијата, сите нејзини 275 комитети и уште толку младински комитети.

2. Иако ја сакаш партијата на централно ниво сепак твоето поле на дејствување е локално. Така треба да ги лајкнеш сите комитети на месни заедници во општината во која живееш, профилите на нивните претседатели, заменици претседатели, на секретарот и благајникот на партијата, пратеникот од општината и профилот на неговата мачка. Сѐ на сѐ ако си од помала општина ова се околу половина од населението и постапката трае неколку дена.

3. Откако лајкна сѐ што нуди партијата за која се определи време е да ги додадеш за пријатели локалните првенци на истата. Тука е важно да знаеш кој повеќе не им е мил на луѓето во централата и него да го избегнуваш. Кога ќе ги собереш сите првенци лајкнувај го секој нивни пост! Без прескокнување.

4. Лајкни ги и првите пера на партија. Тука аматерите обично прават грешка што не ги лајкнуваат најистакнатите борци од другата страна. За да не си аматер лајкни ги противниците и на секоја нивна објава коментирај куче режимско/сороспија. Овие коментари за основно ниво на партиски војник се доволни. Ако си поамбициозен читај го и другиот дел.

5. Шерување на вести: на ова ниво те интересира исклучиво домашна полититка. Така вестите ќе ги шеруваш од страни кои се наклонети кон твојата партија. Таму не можеш да погрешиш. Сѐ е во прилог на партијата која ја сакаш и од која чекаш да те ухлеби. Шерувањето оди на две нивоа:

5.1. На ниво на држава

Тука шеруваш вести за успесите на твојата партија или за разоткриените манипулации на клетите душамни. Неколку вести дневно, без твој коментар. Толку се бара, толку испорачуваш.

5.2. На локално ниво

Ти текнува на локалните функционери од погоре? Е тие имаат неопислива желба да се сликаат и да даваат изјави за локални медиуми. Локалните медиуми мораат да пополнат програма па им даваат место на овие. Затоа шерувај ги овие вести за локалните функционери со краток коментар од типот Браво, Така е, Да се знае кој е со народот...

Активности надвор од интернетот

1. На состаноците во твојата месна заедница секогаш земај збор. Не мора да кажеш ништо посебно. Кажувај општи работи, битно е да те забележат дека постоиш. „Мислам дека ќе е добро за партијата да имаме повеќе гласови“, „Убаво ќе е да победиме на изборите“, „Ме радува масовноста на состаноците“.

2. На состаноците остани и после нивното завршување затоа што откако ќе напуштат аматерите имаш шанса да се дружиш со локалните првенци.

3. Каде што можеш фали ја партијата и фрлај дрвја и камења по противничката. Во кафана, во кладилница, на слава, на погреб, дури и кога си сам повторувај го материјалот.

4. Немој да лепиш плакати. Ти си сериозен член, а лепењето на плакати е работа на младите кои тоа го прават за сендвич и две пива.

5. Помага да имаш знаме од партијата и да го носиш со себе на одмор или планинарење. Истото знаме распостели го и кога ќе ти дојдат другарите на по една ракија и сликајте се со него. Колку повеќе слики толку поголеми шанси.

6. Кога одиш на митинг сликај се обавезно!

Бонус

1. Покани ги локалните првенци на партијата на куќна слава. Ако дојдат стани го кумот за да има место за нив, ако не дојдат ќе го ценат твојот гест. Можеш да купиш и еден Балантајн кој ќе го чуваш само за нив.

2. Ако поседуваш автомобил стави освежувач на воздух од твојата партија.

3. Ако немаш автомобил носи маица од партијата при излегувања.

4. Пушти погласно кога слушаш вести да знаат и комшиите од која партија си.

5. Кога излегуваш одбирај локал во кој знаеш дека газдата е од твојата партија. Нема со твои пари да ги раниш режимските кучиња/сороспиите.

6. Кога поминуваш покрај штабот на твојата партија исправи се гордо, кога поминуваш покрај штабот на противничката партија плукни и сврти го погледот.

7. Батали ги луѓето кои се во друга партија колку и да ти се блиски.

8. Јавувај се на контактни емисии, претстави се и брани ја партијата. Нема врска дали темата е политичка.

22 начини како да препознаете ГМО овошје и зеленчук

Спаси го своето семејство!

Што кажува твојот омилен екс-ју бенд за тебе како човек (прв дел, вероватно ќе има и втор)

Психоанализа

15 знаци дека дошло лето во Македонија

Надвор е лето, ги одржуваме виталните функции

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот