The Stooges во очите на Џим Џармуш: Дај ми опасност

„Gimme Danger“ почнува со пролог сместен во 1973 гоидна, за време на турнејата на The Stooges на која го промовираат својот трет албум Raw Power (инаку целосно комерцијално промашување и последно издание во првата инкарнација на бендот, недолго после што ќе се распаднат). Во текот на таа турнеја фронтменот Иги Поп целосно се предал на екцесно однесување и хероинска зависност. Придуствуваме на кошмарен спектакл додека тој скока на бината, а од публиката го гаѓаат со шишиња. За било која друга група, ова би значело пропаст, но во овој случај се наметенува како ироничен показател на нивните идни победи - The Stooges продавале анархија пред анархијата да се продава.

Столбот на овој рок документарец е големо интервју со Иги Поп, чиј длабок глас се уште потсетува на режење на некоја дива ѕверка. После период во кој останавме без премногу музички легенди, олеснување е да се види Иги зив и здрав, како демонски се смешка на камерата.

Освен на Иги, Џармуш посветува доста простор и на останатите членови на бендот: тапанарот Скот Ештон и неговиот брат, гитаристот Рон, (и двајцата починаа во претходните шст години и филмот е посветен на споменот за нив), како и Џејмс Вилијамсон, соло гитаристот.

За среќа, избегати се бројни клишеа, кои често можат да се најдат во другите документарци, така што овде немаме голем број на други музичари и познати личности, кои го фалат бендот на големо. Единствена личност која е вон бендот е Дени Филдс, поранешен менацер. Од друга страна, сепак, ваквиот избор на (со)говорник може да даде само ограничена и субјективна перспектива за културолошкото влијание и значење на бендот – макар што Поп е сосема свесен за своето место во пантеонот на рок божества.

Во еден сегмент Иги истакнува дека главниот фокус на бендот секогаш бил на музиката, а не на славата, парите или жените – но „Gimme Danger“ не објаснува зошто музиката на The Stooges е толку важна и единствена. Џармуш ги најавува како „најголем рокенрол бенд на сите времиња“, што е крајно дискутабилно дури и ако сте голем обожавател на групата.

Тие секако заслужуваат детална анализа, а Џармуш ги согледува низ ограничен број агли, покажувајќи повеќе интерес за животот на Иги, отколку за песните, избегнувајќи ја приказната за неговата соло кариера (иако таа, рака на срце и е засебна целина). Опуштениот начин на кој режисерот одлучи да зборува за бендот, препуштајќи му на Поп да го диктира темпото и развојот на приказната, не дистанцира од суровата моќ на музиката.

Филмот исто така не содржи експлицитни сцени на алкохолизирање и дрогирање, непристојно сексуално однесување или расправии помеѓу членовите на бендот, а во разговорот едвај се провлекуваат.

Исто така не го гледаме ни Иги како повраќа на бината, ни како се тркала по парчиња стакло, а познато е дека тоа го правел. На овој начин сета „опасност“ и бес на  The Stooges губат на острина и речиси се сведува на статус на музика за стари.

Сепак, можно е Џармуш да сакал да избегне клишеа и познат наратив, а можеби и избегнува премногу да копа поради блискоста со уметникот (Иги глумеше трговец со крзно во неговиот вестерн Dead Man од 1995, а 2003 самиот себе во Coffee & Cigarettes во одличната сцена со Том Вејтс).

„Gimme Danger“ не ја прикажува кариерата на  The Stooges со сите подеми и падови, туку ги слави нивните рани денови и периодот на успехот. Меѓутоа, игнорирајќи го пропаѓањето, Џармуш всушност праќа порака дека бунтовништвото кое довело до прегорување на групата било дел на нивната генијалност, постоеле кратко, прво експлодирајќи, потоа рушејќи се – и никако поинако не можело да биде.

Не постојат многу снимки на  The Stooges од нивниот „златен период“ но собрано е доволно архивски материјал и таа е претставена на моќен начин, посилена со фотографии и колажни анимации (кои малку го разбиваат визуелниот ритма, а и покрај духовитоста не допринесуваат значително на раскажувањето).

И покрај своето примамливо-провокативен наслов, филмот не е толку „опасен“. Иако со својата скоро дневничка форма дава солиден увид во животите на The Stooges, нивното значење секако ќе го разберете ако ги пуштите првите три албуми - The Stooges, Fun House i Raw Power. Сигурно ќе ги препознаете трагите на нивниот „протопанк“ во музиката која настанувала со години, па и децении подоцна, од Sex Pistols, Ramones и The Clash, се до Rage Against the Machine и The White Stripes.

 

Што кажува за тебе твојата тетоважа

И каде си сега според тетоважата

15 причини зошто Таравари си заминува од министерството за здравство

#ЧаоТаравари

Есенски моден водич за луѓе кои земаат помалку од 250 евра плата

Напишан од човек кој зема помалку од 250 евра плата

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот