Што кажува твојот омилен екс-ју бенд за тебе како човек (прв дел, вероватно ќе има и втор)

Ниедна добра забава со вино од три литри и лаптоп купен со субвенциите од владата во 2009-та кој уште работи на Windows XP наместен на стол во студентски дом не може да помине без незаборавните хитови од бивша Југославија.

Сепак секој (се извинуваме на целата џез публика, господинот Оливер Белопета и господинот Љубомир Фрчковски) си има некој бенд кој повеќе му лежи од друг. Затоа еве што кажува твојот омилен бенд од бившата за тебе.

Бјело Дугме (со Бебек)

„То е вистинското дугме, Дугмеманија, види само на Ајдучка чешма, ко на Вудсток!“. Татко ти ти има кажувано дека бил таму, на Ајдучка чешма иако е роден 1967-ма (да не ти го кршиме филмот, не бил). Ти имаш акустична гитара, виткана коса и уствари си добар познавач на музиката на екс ју просторите. Е сега шо си средно и цела твоја генерација нема појма и не ја интересира таа музика е друг. На точно место си само во погрешно време.

Бјело Дугме (со Ален)

Уште држиш до тоа дека Ален Исламовиќ е металец. И ти си металец, до третото пиво! Си бил металец поголем дел од животот прво ради фаќање металки со намалено ниво на самодоверба, а после ти остана стилот. Сега возиш такси или си мерчендајзер на некоја компанија ама уште имаш коса во репче шо е јасен среден прст за крупниот капитал и општеството воопшто.

Азра

Интелектуалец. Штулиќ е Бог. Секоја му е злато вредна ама не беше за овој прост Балкан, сметаш дека не си ни ти па затоа кога ќе завршиш факултет наместо да се вратиш да работиш во општина кај шо ти најдоја твоите место преку партија ќе заминеш на запад. Ќе носиш маица од Че до доцните 30-ти години и ќе сфатиш дека Џони уствари немал појма ама и нема да ти е гајле затоа шо имаш многу работа. Во општина. Можно е да си анемичен.

Рибља Чорба

На профајл слика на Фејсбук имаш слика со Бора Чорба затоа што како што врват годините и му снемува пари почна да доаѓа да пее во секоја маалска кооперација во која газдата е спремен да го почасти со пиво и да му плати бензин. Семеен човек, малку повишен холестерол од седењето по кафани, па така маицата со логото од Чорба која ти ја продаде лично Бора Чорба ти изгледа како маица на пруги. Ама не ти е гајле.

Прљаво казалиште/Парни ваљак/Црвена јабука

Не ни даваше душата да побараме песни од нив, се извинуваме, еве слика од Аки вајда е во некој од овие бендови

Уште не е јасно дали овие се три различни бендови или еден ист под три имиња. Како и да е, ти си сензитивен тип, на граница со метросексуалец. Залижана уредна коса, розева маица, розева кошула, бели пантолони, еспадрили плави. Во училиште си седел во прва клупа пред катедра и уште раскажуваш еднаш кога те застана полиција па дувна 0.04 и за малце ќе добиеше казна. Би го дочитал текстот ама имаш закажано депилација.

Леб и сол

Ти си Влатко Стефановски.

ЕКВ

Одличен ученик, свиреше харфа и обоа од шест години, првата книга ти излезе на осум, веќе на 12 докторира на Сорбона, со 17 почна сам да одиш по метадонска терапија. Бунтовен по природа, воглавно поради тоа што економската состојба на твоите ти дава лесно да си бунтовен. Откако ќе се исчистиш од хероинот ќе го најдеш Бог и ќе ги замразиш ЕКВ.

Атомско сколниште

Ако не си член на бендот или роднина треба да преиспиташ дали воопшто постоиш.

Бајага и инструктори

Ја мразиш „Мои су другови“ и не играш воз на свадби од почит кон делото и ликот на Момчило. Семеен човек кој не јаде глутен, пие со мерка бело вино или танок шприцер и има сопствена фирма. Во основа сличен на тој од Прљаво казалиште/Парни ваљак/Црвена јабука фанот само малку поуспешен и не си алергичен на дисторзија. Се разбира и дисторзијата ја дозираш како алкохолот - малку и ретко.

Породична мануфактура црног хлеба

Немој да лажеш дека ова ти е омилен бенд.

Забрањено пушење (вистинското, со Неле)

Пушиш Пал мал, немаш проблем да испиеш пола гајба пиво иако имаш 53 килограми и само 17 заби. Немаш проблем ни да се тепаш иако најчесто губиш. Ја знаеш суровата реалност на животот и имаш народни филозоски фори на кои ти се восхитуваат деца под 16 години пред кооперација. Вероватно имаш и тетоважа од сирена на подлактица што ја направи како помлад, а сега е така стуткана затоа што ти пропаднаа мускулите што изгледа како искористен кондом.

Видеосекс/Денис и Денис

Концептуален уметник кој често има изложби по кафичи каде што ги продава своите дела испод цена затоа што полесно му е да го продаде делото и потоа да купи палети за греење отколку да ја фрли својата маестрална инсталација „Колаж и движење на мирната ноќ XVI“ во оган. Заљубен во старо Скопје, ама не престаро, Скопје од 80-тите и 90-тите кога покрај Њујорк Скопје беше центар на светот. Имаш сопруга која исто така е уметник, но пошто мора да се јаде работи и во сметководствена фирма, па така скоро секој ден имате нешто за јадење, а сепак под препорачаните 2000 калории од здравствената комисија на ОН. Женати е дебела и мислиш дека тајно јаде. Се сметаш за жртва за уметноста.

Го немаше твојот бенд

Баш ни е жал! Пиши во коментари можи ќе го има во вториот дел. Некогаш.

22 начини како да препознаете ГМО овошје и зеленчук

Спаси го своето семејство!

Што кажува твојот омилен екс-ју бенд за тебе како човек (прв дел, вероватно ќе има и втор)

Психоанализа

15 знаци дека дошло лето во Македонија

Надвор е лето, ги одржуваме виталните функции

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот