Македонско рококо: Скопје 2014 на вода и во вода

Многумина од вас ја видоа сликата која е подолу од Скопје 2014 после дождовите и беа ужаснати. Тоа е поради елементарното непознавање на архитектурата и симболиката со која се изразува таа да долови одреден историски период, чувства, стремежи... Но не е сѐ загубено, затоа е тука рубриката Македонско рококо да ве внесе во тајните на македонската традиционална и современа архитектура и архитектонски израз.

Многумина на сликата гледаат хаос и не треба да им се суди за нивното непознавање. Сликата е сѐ само хаос, сликата нуди една приказна, фабула за настанувањето на човекот, Македонецот, сликовито и бајковито како што ни самиот Корбизије не би можел да го состави. Ова е слика на помирување на нашето античко и словенско минато и стремежот за една подобра иднина! Да почнеме со анализа на сликата да ви стане појасно!

Во самата позадина гледаме античка пошта, која е одек на едно одамна минато време кое веќе не постои, но не смееме да го заборавиме затоа што тоа ни е завет оставен од нашите антички предци и од античките поштари кои носеле антички покани за суд и извршување. Во овој случај најмалку е важно што тоа е пошта, важно е што тоа е античка што го клава темелот на нашиот идентитет и од таму после полесно се гради приказната која ја содржи оваа слика, приказната за еден народ, еден непокор!

На сликата одма во очи паѓа и галијата. Мнгумина се прашуваат што бара галија во Вардар кога немаме ни море, ни поморска историја освен тетин ви што бил во војска на бродот Галеб кај Тито. Затоа што многумина се неедуцирани за својта историја. Погледнете...

Оваа галија го претставува патот на Македонците до Америка, далеку пред Колумбо, кога е направен прв извоз на коњи и Навахао Индијанци од Македонија во САД. Во поширока смисла ова може да се гледа како обид на Македонецот да го спозне светот околу себе, да направи конекција со другите народи, да ја истражи земјата. Еден вид на антички Гагарин!

На сликата со реден број три ја гледаме реката Вардар фактички, а симболички го гледаме Дунав и нашите предци кои доаѓаат од зад Карпатите. Екологисти и неосвестени би рекле дека ова е кал и срам за Македонија, а всушност се тие срам за Македонија. Вардар е ваков за да го претстави каливиот и тежок пар на Македонците од зад Карпатите голгота на еден народ во потрага на дом, кој очигледно ја промашил рутата и завршил на Балканот наместо во Германија. Како и да е секоја чест за уредувањето на речното корито, прекрасно ја отсликува историјата...

Наредна компонента во композицијата се две бараки, маестрално минималистички направени од дрво и вклопени во просторот, кои го изразуваат задомувањето на античките и словенските Македонци на едно место, едната барака е за тие што биле тука автохтони додека другата е за нашите предци од зад Карпатите кои овде наишле на традиционалното гостопримство и решиле да останат. Во основа ова е задомувањето на Македонија. Генијално!

На сликата е забележливо и присуство на материјал за кој многумина сметаат дека таму не му е местото, повторно затоа што не знаат. Пластика. Долго гледана како материјал на иднината е тука да ни го објасни влегувањето на Македонија во современиот свет преку овој материјал. Тука меѓу пластиката има и мало, вештачко питорескно езерце кое ја претставува победата на човекот на природата!

На крај откако прошетавме низ историјата на Македонија и ги видовме заветите што ни ги оставиле нашите предци пред свои очи го гледаме и генијалното решение на архитетктот кој има оставено градежни материјали кои јасно симболизираат дека денес, ние, сите ние ја градиме нашата иднина на темел на она што ни го оставиле нашите предци и дека иднината е во наши раце! Што ќе направиме со неа зависи само од нас!

 

НАПОМЕНА: Сликата е украдена од Фејсбук, без дозвола, за што се извинуваме. 

Што кажува за тебе твојата тетоважа

И каде си сега според тетоважата

15 причини зошто Таравари си заминува од министерството за здравство

#ЧаоТаравари

Есенски моден водич за луѓе кои земаат помалку од 250 евра плата

Напишан од човек кој зема помалку од 250 евра плата

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот