Каде се, што прават: Ликовите од цртанот Чевлички

Генералот

Откако се распадна ЈНА генералот ја продолжи својата кариера во војската за време на војните во поранешна Југославија. Од нивното завршување тој почна да се крие со измислен идентитет на чизма која ја носи панкер, но неговото криење беше залудно. Откако му се откри идентитетот тој беше префрлен во арестанското одделение во затворот Шевенинген во Хаг каде што се наоѓа и денес чекајќи ја конечната пресуда во овој процес. Тој сѐ уште тврди дека е невин е дека и треба да се гони неговиот брат близнак, левата Генералска чевличка.

Кловнот

Поради својата големина како млад се надеваше на кошаркарска кариера, но тој сон пропадна кога истегна една врвца. Така спонтано, не паѓајќи со духот, тој изгради успешна комична кариера. Сепак не можејќи да фати чекор со интернетот неговата кариера стагнира па денес се памети како локална легенда на хуморот која уште раскажува приказни од неговото време. Водеше детска емисија на една локална телевизија додека телевизијата не падна во долгови поради коцкарската зависност на сопственикот. Сега има своја игротека каде што настапува на детски родендени. Игротеката му се вика “Чевлички“.

Балерината

 

Изгради успешна интернационална кариера настапувајќи со повеќе светски легенди на балетот. Откако реши да се пензионира спрема млади балерини и има студио за модерни танци во кое ги дери мајките кои сами не научиле да играат па сега нивните амбиции ги проектираат на нивните деца. Кратко време држеше државна функција во Министерството за култура, но се откажа затоа што сметаше дека не може многу да даде. Има четири брака зад себе.

Полицаецот и крадецот

После оваа слика крадецот доби 30 дена притвор и подоцна беше осуден на три години затвор, правосилно, за украдени 12 тегли ајвар и неколку литри ракија. Поради добро поведение и затоа што работеше како библиотекар во затворот излезе за две години и сега работи како пекар со амбиции да стане сам сопственик на пекара.

Полицаецот сѐ уште работи на истото место иако ја има поминато границата за пензија. Прима мито и тепа на протести.

Гумена чизма

Иако секогаш беше популарен во земјоделието и сточарството своите ѕвездени мигови ги дочека минатата година кога беше на врвот на популарноста. Сега му е малку тешко да се врати во анонимност, но како секоја добра и духовоно исполнета чизма и тој нема некои поголеми проблеми. Неговите браќа близнаци се во високата политика што може да се заклучи од приложената фотографија.

Комунист чизма и внука му (посвоена)

Никогаш не му прости на Тито што идеолошки се оддалечи од Сталин, на кој му остана верен се до смртта. Возеше Москвич, држеше слика од Сталин, тајно, во книга и се надеваше дека СССР ќе го победи капитализмот. До последниот ден носеше мустаки како Сталин. А последниот ден му беше само три дена после распаднот на СССР. Не можеше да издржи...

Внука му, која се гледа на сликата не ја почитува строгата советска инсигнија и дрес код, денес е вработена во алтернативен центар за мултимедијални уметности кои издаваат книги од алтернативни естонски писатели и носат танцувачки групи од која и да е било земја за која не се учи на час по географија. Истрижана е кратко.

Сандалата

Како и секоја сандала со ваков дизајн и таа заврши да ја носи 50 годишна тетка со вишок килограми и куси пантолони кога оди да ги земе резултатите од испитувањето на крвта.

Како би изгледало ако место секојдневните фрази користите фрази од порталите

ШОКАНТНО!

16 работи што можеш да ги правиш додека чекаш да се формира влада

Времето тече

Животниот век на една врска објаснет преку распадот на Југославија

До која фаза на распад сте?

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот