Bодич за избори 2017: Како да си партиски војник на напредно ниво

Честито! Си успеал да си фаца во општинскиот комитет на партијата која ја сакаш, вработен, пример за другите. Понекогаш те бараат пријатели да им помогнеш на нешто друго освен за цепење дрва и кревање мебел затоа што имаш чоече во општината, полицијата, катастарот! Сега ти е комотно во розев џемпер да даваш интервјуа за локални медиуми, на трибини и митинзи си во првите редови, а правиш здраво и со локалниот лидер на партијата. Се радуваш дека лидерот на партијата знае дека постоиш! Сепак ти си амбициозен и не сакаш да останеш само на вработување, сакаш да изградиш кариера, а зошто да не еден ден и да си на листата за советници на предпоследно место. Еве што треба да правиш...

На интернет

1. Веќе си далеку над основното ниво на кое додаваш локални партиски моќници, на ова ниво треба да се вмрежиш со твоите сопартијци од државата. Нешто како пишување на писмо до непознато другарче само на идеолошка основа. Покани ги да дојдат на дружење во твоето населено место и направи список со залужни младинци кои те гледаат со восхит и однеси ги кај нив. Размена на идеи и сендвичи.

2. Споделувања на вести веќе не е доволно за твоето напредно ниво на партиски војник. Сега со веста мораш да напишеш и подолг коментар, се разбира преџвакан дел од текстот накитен со пофалби. Ако си изградил добра мрежа на претходното, основно ниво, овде ќе имаш само лајкови од тие кои се поназад во партиската еволуција, а ако имаш дисиденти спреми се за дебата или блокирање.

3. Дебата со првите пера на противничката страна. Ова е една од поважните работи за да станеш партиска ѕвезда на локално ниво. После добар одговор на перото од другата страна на ровот во општинскиот комитет на партијата ќе имаш коментари во смисла „Браво царе, дај пет!“, „Како му ги плесна, алал вера!“, „Само така со нив!“. Врв на твоето интернет постоење како локална политичка ѕвезда е да те блокираат противничките пера, а твоите да те знаат на име.

4. Меѓународна политика. Ова нема никакво влијание врз твојот статус на локална политичка ѕвезда, но сепак ти сакаш да покажеш дека гледаш подалеку од границите на општината. Оди на сигурно и не навлегувај премногу. Види за која страна е твојата партија и постирај таква пропаганда без дополнителни коментари.5. Пишување на колумни во статуси. Ова е највисокиот врв во животот на еден партиски војник на напредно ниво. Сепак треба да пазиш... Можеш да погрешиш со своето мислење па да го навлечеш гневот на твоите сопартијци. Ако не знаеш дали да постираш некој ваков статус-колумна само запрашај се едно прашање: Дали лидерот на саканата партија би го постирал истото? Ако е одговорот да, постирај.


 Ако си помалку амбициозен еве водич и за тебе

Водич за избори 2017: Како да си партиски војник на најниско ниво


Постоење во општинскиот комитет/организација

1. Биди редовно во просториите. Изигрувај хаусмајстор кога треба. Нека не ти е мака да ги правиш сите оние работи кои не ги правиш дома. Ако треба да се свари кафе, свари и стави повеќе кафе да има кајмак, донеси домашна ракија, купи пиво и чипс. Биди пријател со сите, не знаеш кога ќе ти потребаат.

2. Залепи се до најмоќните луѓе во партијата во општината. Нека те знаат дека постоиш, дека си таму за да помогнеш со се што треба. Ако нема кој да излезе на тв да прочита изјава која ја напишал средношколец кој ви ги чисти компјутерите од вируси затоа што чичко му чека работа, пријави се! Подобро да кажеш глупост отколку да те нема на тв. Обраќај им се со господине додека не ти речат да ги викаш на име.

3. Иницирај акции. Какви било глупости кои ќе ги правиш во сабота или недела, нека видат дека си тотално предаден на работата. Возење велосипед заедно, чистење на бистите на борите од НОБ/Илинденско востание, прошетка во природа, тимбилдинг во кафана.

4. Појавувај се еднаш месечно на состаноци на партиската организација во месната заедница, дај им насоки и замини. Не одговарај на прашања. Да знаат кај си ти, кај се тие.

Живот надвор од општинскиот комитет/органицација

1. Биди примерен сосед. Ова е генерално добар совет за сите биле или не биле во партија ама ти биди екстрадобарсосед. Прави се дека те интересираат старите луѓе, вети им дека ќе им асвалтираш нешто после избори ако ги добиете, потсети ги што правите/ќе направите за нив.

2. Од излегувања максимално еднаш неделно, умерено. Не смее да те видат пијан.

3. Спорт. Купи најскапа опрема за кој и да е твој избор од трите омилени на луѓето од напредното партиско ниво: тенис, возење велосипед, планинарење. И се разбира мора да имаш опрема за скијање, ако не знаеш да скијаш. Не си ни во форма откако се вработи и накачи килограми колку што е тежок еден седмоодделенец ама важна е иницијативата.

4. На работа шири го словото на твојата партија. На колегите пуштај им видеа на Јутуб, дебатирај ама секогаш достоинствено!

Бонус

1. Оние од пониско ниво ќе почнат да те викаат на слави и дружења. Не оди за да им покажеш дека не им е местото да се мешаат со тебе.

2. Пуштај го син ти/комшијата да ти уплаќа спортска затоа што ти како угледен не смееш да паѓаш на такви пороци.

3. Вози примерно кога те гледаат.

4. Кога ќе те прашаат како е одговарај со воздишка „Ех борба...“. Нека знаат дека не е лесно.

5. Вклучи се во некоја локална добротворна организација. Покрај што си политички великан меѓу тие неколку илјади луѓе се и хуманист кој на секој начин се труди да го подобри светот. Сонувач!

6. Прочитај цитати од книги. Цитати, а не целите книги, не си бубалица. И користи ги секогаш кога можеш!

7. Покажи дека си обичен човек, еден од нив. Измиј го автомобилот во недела наутро, оди на пазар, цепи дрва...

8. Иако на ова ниво ти ласка дружењето со таканаречени локални контроверзни бизнисмени избегнувај ги. Не сакаш да те поврзат со луѓе кои се стекнале со капитал на нејасен начин. Ќе има време за тоа кога ќе се искачиш на повисоко скалило. А за тоа во наредниот текст, деновиве...

Што кажува за тебе твојата тетоважа

И каде си сега според тетоважата

15 причини зошто Таравари си заминува од министерството за здравство

#ЧаоТаравари

Есенски моден водич за луѓе кои земаат помалку од 250 евра плата

Напишан од човек кој зема помалку од 250 евра плата

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот